дома Македонија Економија До 30.000 денари помош за греење на гас: Продолжен рокот за аплицирање

До 30.000 денари помош за греење на гас: Продолжен рокот за аплицирање

Граѓаните кои планираат да преминат на природен гас за греење ќе имаат дополнително време да ја искористат финансиската поддршка од државата. Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека рокот за аплицирање за мерката за поттикнување на снабдувањето со гас во домаќинствата е продолжен до 31 октомври 2026 година.

Одлуката е објавена во „Службен весник“, а со неа се овозможува поголем број домаќинства да аплицираат за субвенции за приклучок на природен гас или за набавка на котел на гас.

За оваа мерка се обезбедени 3 милиони денари, а финансиската поддршка изнесува до 30.000 денари, односно до 70 проценти од направените трошоци. Средствата ќе се доделуваат според принципот „прв дојден – прв услужен“, до нивното целосно искористување.

Право на апликација имаат домаќинствата кои во текот на 2026 година ќе извршат приклучок на системот за дистрибуција на природен гас, како и оние кои ќе набават котел на гас за објект што веќе бил приклучен на системот до 1 јануари 2026 година.

Од Министерството посочуваат дека секое домаќинство може да поднесе едно барање, а ги повикуваат заинтересираните граѓани навремено да ја достават потребната документација согласно условите од јавниот оглас.

По истекот на рокот, комисија формирана од Министерството ќе ги разгледа апликациите, а средствата ќе им бидат исплатени на барателите кои ги исполнуваат условите.

Целта на мерката, според Министерството, е намалување на трошоците за греење, подобрување на енергетската ефикасност и поттикнување на користење почисти енергетски решенија во домаќинствата.

ПредходнаЖителите на Кисела Вода може да аплицират за еднократна парична помош за штетите од невремето
Следна73 лица го користат бесплатниот „Сервис за стари лица“ во Центар