Највисока бруто минимална плата во земјите од Европската унија се исплаќа во Луксембург, односно 2.771 евро месечно, а најниска во Бугарија (620 евра), покажуваат најново објавените податоци на Евростат.
Над 2.000 евра минимална плата имаат и Ирска (2.391 евро), Германија (2.343 евра), Холандија (2.338 евра) и Белгија (2.234 евра).
Од државите на Западен Балкан кои се кандидати за членство во Европската унија, повисока минимална плата од Бугарија има во Србија 743 евра, Црна Гора 670 евра и Северна Македонија 624 евра.
Врз основа на стандардот на куповна моќ на прво место е Германија, а на последно Естонија.
Северна Македонија и Романија во однос на овој параметар бележат скок од осум места, додека Србија напредува за пет места.
– Романија се искачува од 20-то на 12-то место, додека Северна Македонија се искачува од 24-то на 16-то место, при што обете напредуваат за осум места. Србија напредува за пет места, Хрватска и Бугарија за три места. Најголем губитник е Естонија, која паѓа од 16-то на 26-то место, додека Латвија, Чешка и Кипар исто така губат четири места,стои во извештајот на Евростат.




